ТТК банка прославува 20 години постоење

42

g_ttk-banka ТТК Банка АД Скопје денеска прославува 20 годишнина од основањето на еден од нејзините претходници Тетекс Банка АД Скопје.

На 25 декември 1993 година, точно пред 20 години беше формирана Тетекс Банка АД Скопје, еден од правните претходници на денешна ТТК Банка.

Идејата за формирање на уште една банка во Република Македонија веднаш по нејзиното осамостојување потекна од АД Тетекс од Тетово од тогашниот и сегашен претседател на Надзорниот одбор на Банката, Глигорие Гоговски.

Подоцна во 2000 година Тетекс Банка АД Скопје со спојувањето со Кредитна Банка АД Битола, која исто така беше основана во јуни 1993 година, ја оформија Тетекс – Кредитна Банка, а од 1 јуни 2006 година заедно со Тетовска Банка АД Тетово, продолжи да работи под денешното име ТТК Банка АД Скопје.

ТТК Банка останува да биде горд сведок на историјата на развојот на банкарскиот систем, особено во тетовскиот регион, во кој според документите банкарството почнува да се развива уште во 1930 година со формирањето на тогашната Тетовска Кредитна Банка АД, како една од најстарите банки во македонската банкарска историја до денес.

Денес, ТТК БАНКА АД Скопје, е средна банка со стабилен позитивен раст. Банката располага со широко распространета мрежа на осум филијали и 23 експозитури низ цела територија на Република Македонија.