ТТК Банка во 2016 година прокнижи 83,6 милиони денари добивка

18

ttk-banka

ТТК Банка, во периодот од први јануари до 31-ви декември 2016 година, оствари вкупна сеопфатна добивка од 83.680.000 денари, покажува билансот на успех објавен на Македонска берза. Претходната 2015 година, добивката на компанијата беше на ниво од 38.129.000 денари.

“Банката во периодот од 01.01. до 31.12.2016 година оствари позитивен финансиски резултат во износ од 83,7 милиони денари и истиот е двојно повисок во однос на остварениот финансиски резултат минатата година во износ од 38,1 милиони денари. Банката успеа да генерира повисок оперативен приход за 9,2%, а истовремено и заштеда на оперативните трошоци за 8,7% споредено со истиот период минатата година, со што оперативната ефикасност забележа годишен пораст од 53,4%. Финансискиот резултат е позитивен и покрај издвоените исправки на вредност за финансиски средства на нето основа во износ од 79,6 милиони денари и исправките на вредност за нефинансиски средства на нето основа во износ од 52,5 милиони денари“, стои во Коментарот за остварените финансиски резултати на банката.

Нето приходите од камати на крајот на декември 2016 година изнесуваат 264 милиони денари со забележан минимален пад од 1,7% во однос на истиот период минатата година што е резултат на послабата кредитна динамика кај секторот стопанство. Планираните нето приходи од камати се остварени со 91,5%. Нето приходите од провизии и надоместоци за услуги во анализираниот период изнесуваат 145,2 милиони денари. Најголем придонес во генерирањето на приходите произлегуваат од платниот промет во земјата од правни и физички лица, но исто така и од генерираните провизии од сегментот кредитирање.

Приходите од провизии од платниот промет во земјата остварени во 2016 година го зголемуваат учеството во структурата на вкупните приходи од провизии. Планираните нето приходи од провизии се остварени со 87,6%. Нето приходите од курсни разлики изнесуваат 9,1 милиони денари и во однос на минатата година бележат намалување за 15,0%. Остварувањето на планот изнесува 81,7%. Во текот на 2016 година Банката реализираше продажба на дел од преземениот имот при што оствари значителни капитални добивки, оствари приходи врз основа на судски тужби, како и наплата на претходно отпишани побарувања. Ефектите од овие настани се одразија на позицијата останати приходи од работењето на Банката којашто изнесува 137,2 милиони денари.