Тур операторот Томас Кук започнува со работа во Македонија

23

Thomas Cook

Еден од најголемите и најстарите тур оператори во Европа, групацијата Томас Кук, од наредната година започнува со работа во Македонија, со организација на чартер летови на релација Белгија – Охрид, најави денеска вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски.

„Со овие аранжмански договори се исполнуваат условите за реализација на најавата на компанијата Томас Кук за организација на чартер летови од Кралството Белгија до Охрид, започнувајќи од јули 2016 година, а за почеток ќе има по минимум еден чартер лет. Потпишувањето на овие договори ќе придонесе да се подобри странскиот организиран туристички промет во државата, директни придобивки ќе имаат сместувачките капацитети, а со приливот на средства од странските туристи дополнително ќе се раздвижи на прво место локалната економија, но и економијата на државно ниво“, рече Пешевски, јавува Макфакс.

Тој појасни дека станува збор за компанија која опстојува на пазарот на туристичките услуги уште од 1841 година, која опслужува над 22 милиона клиенти, а вкупната продажба на нивните аранжмани надминува над девет милијарди фунти.