Турција: Домашните туристички трошоци пораснале за скоро 25%

25

Турскиот институт за статистика објави дека трошоците на домашните туристи – вклучувајќи ги и трошоците за индивидуални и пакетни патувања – од јануари до март годинава изнесувале 1,65 милијарди долари во споредба со истиот период лани кога биле околу 1,36 милијарди долари. Тоа претставува зголемување за 24,9% на годишно ниво, пренесува Hurriyet Daily News.

Според објавените податоци 94,2% од домашните расходи за туризам во овој квартал биле индивидуални, додека само 5,8% отпаѓаат на трошоци за пакет патувања.

Според Централната банка на Турција, за овие бројки голема улога одигра и просечниот курс на лирата во однос на американскиот долар, која од 3,82 во првиот квартал годинава, досигна и рекордно ниско ниво во август од 5,14.

Во овој квартал, домашните посетители направиле 112,8 милиони ноќевања со просечна цена од 107 долари по патување, истакнуваат од Турскиот институт за статистика.

Според официјалните податоци, речиси 11,9 милиони жители реализирале внатрешни патувања во првиот квартал, додека бројот на патувања со една или повеќе од една ноќ изнесувал околу 15,5 милиони со годишен скок од 22,3 %.

Фото: Pixabay