Турција го исплати долгот кон ММФ

44

turcija znameТурција ја исплати последната рата од својот долг кон Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), при што се одржа историска церемонија во Централната банка, пишува Заман.

Со исплатата на последните 421 милиони долари, од вкупно позајмените 23,5 милијарди долари, Турција ќе биде без долгови кон ММФ за прв пат во последните 19 години.

“До денешен ден, Турција има потпишано 19 стенд-бај аранжмани со ММФ. Последниот беше во мај 2008 година и од тогаш не сме зеле заем пет години”, изјави турскиот министер за економија Али Бабакан.

Турција стана членка на ММФ набрзо по основањето на организацијата во 1945 година, а првиот стенд-бај договор го потпиша во 1961 година. Од тогаш до мај 2008 Турција има добиено околу 50 милијарди долари од фондот и спаѓа меѓу земјите што добиле најголема поддршка од ММФ.

Отплатата на кредитот кон ММФ е важна од симболички аспект, затоа што покажува дека Турција е способна сама да ги решава своите проблеми, како и да привлекува капитал, сметаат аналитичарите.