Турција го претстави својот прв домашен автомобил

494

Во турскиот град Гебзе вчера беше претставен прототипот на првиот турски автомобил. Претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган изјави дека Турција веќе не е земја којашто е само пазар на нови технологии, туку земја којашто ги развива, произведува и извезува во светот, пренесува Анадолија.

На развојот на турскиот автомобил работеле повеќе од 100 турски инженери.

“Наш сон е да имаме и на светот да покажеме автомобил којшто, користејќи национална технологија, го направиле наши дизајнери и инженери“, порача Ердоган.

Најавувајќи дека фабриката за производство на турски автомобили ќе биде отворена во Бурса, Ердоган кажа дека го нарачува првиот автомобил.

“Правиме глобален бренд. Инфраструктурата за електрични автомобили во Турција ќе биде комплетирана до 2022 година“, изјави Ердоган и додаде дека земјата нема да зема лиценци и дозволи за производство на автомобили, туку сама поставува правила, бира и креира карактеристики.

Најавено беше дека процесот на лиценцирање на брендот ќе биде завршен наредната година, а година подоцна ќе биде отворена и фабрика за сериско производство за првиот турски автомобил да биде на пазарот до 2022 година.

“Кога ќе започнеме со сериски производство, се надеваме дека ќе имаме прв и единствен некласичен SUV модел на елeктричен погон во Европа“, изјави Ердоган.

Првиот модел на турски автомобил ќе биде од категоријата SUV на електричен погон. Планот е до 2030 година да биде започнато производство на пет модели на турски автомобили. Се очекува годишно да се произведуваат 175.000 автомобили во фабриката што ќе се гради во Бурса.

Турција за првпат се обиде да произведе свој автомобил во 1961 година, под називот Devrim (револуција), но неговото производство никогаш не ја надмина фазата на прототип.

Фото: Youtube