Турција го укинува зимското сметање на времето

24

casovnici

Турција ќе продолжи да го спроведува летното сметање на времето во текот на целата година, пишува Анадолија.

Според владината одлука, летното сметање на времето ќе се користи секоја година, додека зимското сметање на времето нема да се спроведува.

Часовниците во Турција беа поместени еден час напред на 27-ми март оваа година.

Турција, според Daily Sabah, преку летното сметање на времето заштедува од 800 милиони до една милијарда киловат часови електрична енергија, што е еднакво на годишното производство на струја на една хидроцентрала со средна големина.

Идејата за воведување на летното сметање на времето е засновано на астрономските факти дека во јануари Сонцето излегува околу осум часот, а заоѓа околу 16 часот. За разлика од тоа, во јули, кога денот е значително подолг, Сонцето изгрева околу пет, а заоѓа по 21 часот. Бидејќи луѓето своите дневни активности ги започнуваат во исто време во текот на целата година, обично околу седум часот, во средината на летниот период се “губат“ околу два часа дневна светлина.

Поради поместување на времето, попладне има повеќе дневна светлина одошто претпладне, па луѓето може да ги извршуваат своите активности без пречки додека денот е подолг. Некои анализи во САД покажуваат дека со поместување на часовникот се прави заштеда од околу 500 милиони до една милијарда долари.