Турција вчера на југот на земјата започна со изградба на првата нуклеарна централа Акују за да ја намали енергетската зависност од странство. Турскиот министер за енергетика, Танер Јилдиз и Сергеј Кириенко, шефот на руската агенција за атомска енергија, поставија камен темелник на првиот од четирите реактори.
“Градењето на нуклеарна централа не значи дека Турција ќе ги игнорира обновливите и другите локални извори на енергија”, изјави турскиот министер и додаде дека нуклеарката ќе ги задоволи сите безбедносни параметри, вклучувајќи дека ќе биде отпорна на цунами и земјотреси, јавува агенцијата Анадолија.
Вредноста на проектот е 22 милијарди долари и ќе има животен циклус од 60 години. Изградбата на нуклеарната централа ќе започне во 2016 година, а првиот реактор се очекува да биде пуштен во употреба во 2019 година. Заедно со останатите три реактори, се очекува централата целосно да биде оперативна во 2023 година.