
Турските власти започнаа истрага против шведскиот гигант за стриминг на музика Spotify по бранот критики на социјалните медиуми за имињата на плејлистите на корисниците кои се сметаат за политички и религиозно навредливи. Spotify во Турција има повеќе од 12 милиони месечно активни корисници
Како што објави The Times, истрагата е започната поради наводното „навредување на општествените верувања“ и обвинувањата за нарушување на конкуренцијата на пазарот. Контроверзноста започна со координирана кампања на социјалните медиуми, која наскоро ескалираше во поширок политички притисок. Spotify во петокот соопшти дека размислува за привремено прекинување на услугите во Турција или дури и целосно повлекување од пазарот.
„Не сме подготвени нашите корисници да бидат цензурирани“, соопшти компанијата, но додаде дека „продолжуваат да соработуваат со турските власти“. Претставниците на Spotify истакнаа дека сите опции се на маса, вклучително и „паузирање на операциите во земјата или целосно повлекување од турскиот пазар“, пренесe Euronews.
Spotify е познат по тоа што им овозможува на корисниците да креираат свои плејлисти, кои често имаат сатирични или хумористични наслови, од референци на познати личности и измислени ликови до политички шеги. Сепак, некои имиња на весникот предизвикаа сериозни реакции во Турција.
Помошникот-министер за култура и туризам, Батухан Мумџу, ја обвини платформата дека „нуди содржина што ги таргетира нашите религиозни и национални вредности и ги навредува верувањата на нашето општество“.
Списокот со наслов „Песни што Емине Ердоган (сопругата на турскиот претседател, оп.а.) ги слуша додека ја чисти палатата“, што предизвика гнев кај поддржувачите на владејачката партија на социјалните мрежи, беше означен како особено проблематичен. Провладините корисници, познати и како „тролови на АК“ (според Партијата за правда и развој – АКП), повикаа на забрана на Spotify и масовно ги тагуваа владините претставници во нивните објави.
Дополнителни контроверзии предизвикаа две плејлисти со религиозна тема: „Плејлиста што ја слушал пророкот Мухамед додека бегал од политеистите“ и „Песни што пророкот ги слушал во пештерата“. И двете предизвикаа осуда од конзервативните кругови и дополнително ја поттикнаа кампањата против платформата.











