Турција се подготвува за изградба на трета нуклеарна централа

113

Турција почна да работи на изградбата на својата трета нуклеарна централа во северозападниот регион Тракија за да ја задоволи зголемената побарувачка на енергија во земјата, изјави турскиот министер за енергетика и природни ресурси Фатих Донмез, пренесе агенцијата Анадолија.

Донмез го нагласи зголеменото значење на нуклеарната енергија како чист извор на енергија во гостување на телевизијата ТРТ Хабер.

Тој објасни дека моментално е во тек изградбата на четвртиот реактор на првата нуклеарна централа во земјата „Акују” во Мерсин, на брегот на Средоземното Море, од која првиот реактор се очекува да стартува со работа на крајот на годината, а потоа останатите реактори секоја наредна година.

Втората централа ќе се гради во Синоп, а во тек се работите за утврдување на точната локација на третата централа во регионот на Тракија.

Донмез истакна дека стратешката централна локација на земјата, опкружена со 15 земји производители и потрошувачи на енергија, ѝ дава предност во однос на другите енергетски центри, факт широко признаен не само од Турција, туку и од други земји.

Како што пренесе Анадолија, Донмез рече дека Турција увезува речиси 40 отсто од својот природен гас од Русија, но оти не се потпира само на Русија за својата планирана улога како енергетски центар.

Турција, исто така, се надева дека ќе стане производител на природен гас откако природниот гас откриен во Црното Море ќе биде вклучен во електроенергетскиот систем.

Донмез нагласи дека Турција увезува природен гас и од Азербејџан и Иран, и е прилично флексибилна во однос на увозот на течен природен гас од Обединетите Арапски Емирати (ОАЕ), Катар, Оман во регионот на Персискиот Залив, Египет и Алжир во регионот на Медитеранот, како и од Соединетите Американски Држави и Нигерија, и додаде дека земјата има дополнителни планови за увоз од Ирак, Либија и Израел.

Фото: Pixabay