Предлог – законот со кој се бара затворање на трговските центри во неделите и за време на државните празници во Турција, ја вознемири оваа бранша, која тврди дека ваквиот потег ќе резултира со загуба од 8,4 милијарди евра, пишува турскиот весник Заман.
“Ваквиот предлог воопшто не е практичен. Во земјава трговските центри остваруваат 30% од бизнисот во неделите. Од преку 26 милијарди евра годишен приход, со затворањето во недела, загубата би била речиси 8,4 милијарди евра”, изјави Хулуси Белгу, претседател на Здружението на инвеститори во трговски центри и додаде дека не го поддржува ниту затворањето на моловите за време на државни празници.
Позитивни реакции има кај малиот бизнис, кој претрпе голем удар од експанзијата на трговските центри во Истанбул и другите големи градови во Турција. Според претседателот на Асоцијацијата на занаетчии Махмут Челикус, бројот на занаетчии и занаетчиски бизниси во последните десетина години е преполовен, од три милиони драстично опаднал на 1,5 милиони.
Помеѓу 2006 и 2013 година, во Турција се отвораа во просек по 30 трговски центри годишно. Се проценува дека до 2016 година во земјата ќе има 449 центри, од кои преку 100 ќе бидат во Истанбул.