Туристи од Турција, Србија и Полска најбројни во јули

25

Во текот на јули оваа година, најбројни меѓу странските туристи беа оние од Турција (21.673), Србија (7.861) и од Полска (7.759), покажуваат податоците на Државниот завод за статистика.

Од вкупниот број на странски гости, најмногу или 42.470 ги посетиле езерските места во земјава, додека најмалку или само 293 странски туристи ги посетиле бањите. Странските гости во јули најмногу ги преферирале хотелите со четири ѕвезди (44.657), по што следуваат хотелите со пет ѕвезди (21.928), додека само 48 странски туристи биле сместени во пансиони.

Бројот на туристи во јули оваа година изнесува 171.862, а бројот на ноќевањата изнесува 682.854. Бројот на туристите во јули 2019 година, во однос на јули 2018 година, е намален за 2,5 %, а бројот на ноќевањата е намален за 0,7%.

Бројот на домашни туристи во јули оваа година, во однос на истиот период лани, е намален за 3,6%, а бројот на странски туристи е намален за 1,7%. Бројот на ноќевањата на домашни туристи во јули оваа година, во однос на истиот период лани, е намален за 1,4%, а бројот на ноќевањата на странски туристи е зголемен за 0,5%.

Во периодот јануари – јули оваа година, во однос на истиот период од претходната година, бројот на туристите е зголемен за 2,1%, и тоа: кај домашните туристи има зголемување за 1,9%, а кај странските има зголемување за 2,3%. Во периодот јануари – јули оваа година, во однос на истиот период од претходната година, вкупниот број на ноќевањата е зголемен за 0,9%, така што кај домашните туристи се бележи намалување од 0,2%, а кај странските има зголемување за 2%.

Фото: Pixabay