Туристичката агенција Летс Травел остана без дозвола за работа

56

Туристичката агенција Летс Травел доо-Охрид, која ги извиси патниците кои требаше да заминат на Кипар за Рамазанските празници, остана без дозвола за работа. Министерството за економија ја одзеде лиценцата врз основа на извештаи од Државниот пазарен инспекторат и согласно Законот за туристичка дејност.

На барање на Министерството за економија, Државниот пазарен инспекторат извршил контрола на просториите на агенцијата во Скопје и во Охрид, при што е констатирано дека и двете канцеларии на Летс травел се затворени и неколку денови по ред одговорните лица на оваа агенција се недостапни, соопшти денеска Министерството за економија.

По направената контрола, записникот и целокупната документација се доставени до Министерството за економија, врз основа на што е изготвено решение за одземање на лиценцата за работа на туристичката агенција, кое стапило во сила на 12 овој месец, со што Летс травел е избришана од Регистарот на туристички агенции во Република Македонија. Според соопштението, во насока на изнаоѓање целосно решение за проблемот предизвикан од Летс травел со кој се соочија 19 туристички агенции, членки на Стопанската комора за туризам на Република Македонија, министерот за економија Ваљон Сарачини на 15 септември одржал средба со амбасадорот на Турција во Македонија, Ѓурол Сокменсуер, на кого му го претставил проблемот и проценетата штета од 86.000 евра, која ја претрпеа македонските агенции, барајќи од турската страна да вложи максимални напори за изнаоѓање решение.

„Амбасадорот Сокменсуер изрази жалење упатувајќи уверување дека Република Турција ќе работи засилено на лоцирање на проблемот и изнаоѓање начин за комплетно обесштетување на македонските агенции, согласно законот, се вели во соопштението од Министерството за економија.