Скоро две години откако Косово не успеа да ја приватизира Пошта и Телеком Косово (ПТК), највредниот имот што го поседува, повторно е продолжен рокот за новиот тендер до 14 март. Косовските власти наведоа дека им треба повеќе време за заинтересираните купувачи да обезбедат средства. Тендерот е веќе “обележан” со обвиненија за корупција против луѓе на високи функции во компанијата и наводни тајни врски меѓу нив и некои од понудувачите.
На тендерот се понудени 75% од ПТК. За нив се наддава и турскиот оператор Turkcell, против водечките оператори како British Telecom и France Telecom.
“Turkcell го смета Косово за стратешки пазар преку кој може да се шири во останатите околни балкански земји кои имаат блиски културни врски со Турција. Нема да откриваме детали, затоа што тендерскиот процес бара доверливост”, изјави портпаролот на компанијата за Заман.
Од Turkcell не коментираат за тоа како би можел да заврши тендерот, но додаваат дека тие не побарале поместување на рокот. Анонимен извор упатен во тендерскиот процес за весникот изјавил дека Тurkcell нема да оди до крајни граници со цената. “На крајот на денот, Косово е мал пазар и профитот што може да се оствари таму е ограничен. Затоа, не мислам дека Turkcell ќе ја зголеми својата понуда до крајот на тендерот”, вели изворот, пишува Заман.
Turkcell освен во Турција, оперира и во Азербејџан, Казахстан, Молдавија, Грузија, Украина, Белорусија, Германија и турскиот дел на Кипар.