Турската економија порасна за 5,6 отсто лани

93

Турската економија порасна за 5,6 отсто во 2022 година, покажаа во вторникот податоците на Заводот за статистика, а според проценките на економистите и деловните здруженија, овогодишниот раст ќе ги забави тешките последици од силните земјотреси.
Економијата почна да попушта веќе во втората половина на минатата година, притисната од падот на домашната и странската побарувачка, делумно поради забавувањето на економската активност во главните трговски партнери на Турција во услови на војна во Украина, што му наштети на турскиот извоз.

Растот на бруто домашниот производ (БДП) на Турција забави на 3,5 отсто во четвртиот квартал од 2022 година, по растот од четири отсто во третиот квартал и 7,8 отсто во вториот квартал, покажуваат ревидираните податоци.

Во 2022 година, активноста во секторот финансии и осигурување е зголемена за 21,8 отсто, по што следи услужниот сектор со раст од 11,7 отсто, покажуваат податоците на турскиот Завод за статистика.

Пад е забележан само во градежниот сектор кој е намален за 8,4 отсто.

Централната банка на крајот на минатата година ја намали референтната каматна стапка за пет процентни поени за да го поддржи растот. Минатата недела ги намали за уште половина процентен поен, на 8,5 отсто, по разорните земјотреси во кои животот го загубија над 50.000 луѓе во Турција и Сирија.

Според анкетата на Ројтерс, растот на турскиот БДП оваа година се очекува во просек да изнесува 2,8 отсто. Во истражувањето спроведено во јануари беше прогнозиран просечен раст од три проценти.

Деловните здруженија и економисти проценуваат дека реконструкцијата на Турција би можела да чини до 100 милијарди долари и да ја намали стапката на економски раст оваа година за еден до два процентни поени.

Двата силни земјотреси што ја погодија Турција на 6 февруари предизвикаа директна физичка штета од околу 34,2 милијарди долари, но вкупните трошоци за реконструкција и закрепнување би можеле да бидат двојно поголеми, објави во понеделникот Светската банка.