Турската компанија Cengiz Insaat потпиша договор во висина од 350 милиони конвертибилни марки (179 милиони евра) за изградба на останатите 10 километри од делницата Влаково – Лепеница на Коридорот 5Ц.
Делницата која минува јужно од Сараево ќе биде изградена во рок од 20 месеци.
“Ова е највредниот договор досега потпишан за изградба на автопат”, изјави директорот на ЈП Автопатишта ФБиХ, (JP Autoceste), Енсад Кариќ.
Покрај турската компанија, на изградба на делницата ќе работат и седум компании од БиХ кои добија договори во вредност од 102 милиони евра. На проектот ќе бидет ангажирани околу 3.000 работници.
Средствата за изградба на делницата Влаково – Лепеница се обезбедени преку кредит од Европската инвестициона банка, која покрај Европската банка за обнова и развој е главен кредитор за инфраструктурни проекти на Балканот.
БиХ има околу 40 километри во автопат, а во следните две години е планирано да се изградат уште толку, како дел од пан-европскиот коридор кој ги поврзува Будимпешта, Унгарија на север и пристаништето Плоче, Хрватска на југ.
БиХ има стапка на невработеност од 28% и економија која стагнира последните неколку години поради кризата во Европа, но и поради отсуство на реформи. Токму затоа властите гледаат можност за економски раст преку проекти во инфраструктурата и енергетиката.