Турција го зголемува буџетот за воената индустрија на 75 милијарди долари

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган најави дека Анкара ќе го зголеми буџетот на воената индустрија на 75 милијарди долари.
„Бројот на проекти во одбранбената индустрија се зголеми од 62 на 750, а бројот на компании од 56 на 2.700. Кога дојдовме на власт во 2002 година, вредноста на проектите поврзани со одбраната беше 5,5 милијарди долари. Денес нивната вредност е повеќе од 60 милијарди долари. Ако ги земеме предвид и проектите кои сега се во фаза на тендер, ќе го зголемиме буџетот за одбранбената индустрија на 75 милијарди долари“, рече Ердоган.

Тој рече дека поголем воен буџет ќе доведе до напредок во сите домени, пренесува ТАСС.

„Постигнавме значително намалување на степенот на зависност од странски земји во одбранбената индустрија. Домашните и националните компании сега достигнаа ниво од 80 проценти учество во сите истражувачки и развојни работи во овој сектор“.

Ние не само што произведуваме опрема, туку произведуваме и муниција. Нашите производи се барани во земјата и во странство, рече Ердоган.

Тој изјави дека Турција, благодарение на развојот на одбранбената индустрија, сега се подготвува за можни борбени услови во иднина.