Турција за четири месеци беше домаќин на 9,5 милиони странски туристи

47

Турција пречека 9,5 милиони странски туристи во првите четири месеци од оваа година, покажуваат официјалните податоци објавени во петокот.

За 27,51 отсто на годишно ниво е зголемен бројот на пристигнати странски државјани во периодот јануари-април, соопшти Министерството за култура и туризам на земјава, пренесува Anadolu Agency.

Истанбул, најголемиот турски град по население и врвна туристичка атракција, беше домаќин на повеќе од половина од сите странски посетители, или речиси 4,77 милиони луѓе, во периодот од четири месеци.

Следат медитеранското одморалиште Анталија со 1,6 милиони странски туристи и Једрене во северозападна Турција, која граничи и со Бугарија и со Грција, со 1,1 милион странски посетители.

Во однос на националноста на странските туристи, на прво место е Русија со 12,1 отсто, речиси 1,15 милиони посетители во истиот период, а потоа следат Германија (10,14 отсто) и Бугарија (8,37 отсто).

Само во април земјата ја посетиле 3,3 милиони странци, што е зголемување за 29,03 отсто на годишно ниво.