Пет од водечките светски технолошки компании се обвинети за одговорност за смртните случаи и сериозни повреди на деца во Африка, принудени да работат во рудници за кобалт.
Тужбата против Tesla, Apple, Alphabet, Microsoft и Dell Technologies е поднесена во име на 14 семејства од Демократска Република Конго (ДРК) пред судот во Вашингтон од страна на американската непрофитна организација, Меѓународни застапници за права.
Како што тврдат од организацијата, компаниите се дел од системот на присилна работа што според семејствата, резултираше со смрт и сериозни повреди на нивните деца.
Ова е прв пат повеќе технолошки компании да се соочат со судска постапка поради вадење на кобалт, наведува Ројтерс.
Во судските документи приложени се фотографии на деца со деформирани раце и нозе, а некои се и осакатени.
“Овие најбогати компании во светот кои произведуваат фенси уреди, толерирале сакатење и убивање на деца за да дојдат до евтин кобалт“, вели адвокатот на семејствата, Теренс Колингсворт.
Поради големата сиромаштија на семејствата, деца кои имаат околу шест години – се принудени да ги напуштат училиштата и да работат во екстракција на кобалт, сопственост на британската рударска компанија Glencore. На некои деца им плаќале само 1,50 долари на ден и работеле шест дена неделно, според Меѓународните застапници за права.
Од петте компании сè уште нема коментар за тужбата.
Фото: Pexels