Твитер наскоро добива нова конкуренција

59

Компанијата Мета, која во сопственост ги има Фејсбук и Инстаграм, најавува дека работат на развивање нова социјална мрежа за споделување текстуални статуси, која треба да биде најголем конкурент на Твитер.

Во иднина, Мета може да понуди своја алтернатива на Твитер, како Мастодон, наведуваат ИТ медиумите.

Гигантот на социјалните мрежи наводно е во рана фаза на развој на апликација со кодно име P92.

Апликацијата ќе им овозможи на корисниците да објавуваат текстуална содржина и ќе го поддржува протоколот на Mastodon, наречен ActivityPub.

Мета потврди дека се работи на децентрализирана социјална мрежа.

-Истражуваме самостојна, децентрализирана социјална мрежа за споделување текстуални статуси. Веруваме дека има посебен простор каде креаторите и јавните личности можат да споделуваат редовни содржини за нивните интереси, се вели во соопштението.

P92 ќе носи брендирање на Инстаграм, а корисниците ќе можат да се регистрираат и да се логираат со нивните Инстаграм акредитиви. Од друга страна, се нагласува дека споделувањето на содржини од Инстаграм ќе биде минимално.

Бидејќи апликацијата ќе биде децентрализирана, тоа значи дека корисниците можат да постават свои сервери и свои правила за модерирање на содржината.

Мастодон, децентрализирана социјална мрежа која беше направена во 2016 година, го зголеми бројот на корисниците од 300 илјади на 2,5 милиони во неколкуте недели по преземањето на Твитер од страна на Маск минатиот октомври. Сепак, нејзиниот развој се забави последниве месеци, делумно и поради проблемите на корисниците со децентрализираната платформа која е малку посложена за користење.

Но, новата платформа на Мета би можела да има голема корист од веќе постоечката огромна база на корисници на другите платформи на компанијата, како на пример две милијарди луѓе кои секојдневно го користат Фејсбук.