Твоето малку е многу – проект за помош на социјално загрозените категории на граѓани

47

unnamed

Во ресторанот Форца вчера се одржа прес конференција на која менаџментот на ресторанот заедно со своите партнери го претстави новиот проект за помош на социјално загрозените категории на граѓани од општина Карпош под името Твоето малку е многу.

Со цел да покаже социјална одговорност и да ги поттикне граѓаните на активност во овој правец, ресторанот Форца ќе ги отвори вратите за социјално загрозените категории на граѓани и ќе обезбедува по еден топол оброк дневно.

„Нашето внимание ќе биде примарно свртено кон тоа овие луѓе да почувствуваат грижа за нив, секојдневно да уживаат во еден достоен топол оброк, подготвен од најдобрите готвачи во Македонија и сервиран од професионален персонал. Преку оваа наша иницијатива ги повикуваме сите заинтересирани правни субјекти и граѓани да ја поддржат оваа кампања и да дадат свој придонес во согласност со нивните можности. Ние ќе започнеме со еден оброк, но крајната цел е да обезбедиме до три оброци дневно. Сметам дека солидарноста е една од основните вредности кои сите ние треба да ги негуваме. И малите дела можат да бидат големи, а за тоа не е потребно многу, доволно е само да се има желба да се биде хуман“, вели сопственикот на ресторанот Форца, Игор Меновски.

На оваа иницијатива веќе активно се приклучи агенцијата за односи со јавност и комуникациски консалтинг Вај Нот Комуникации. Од агенцијата велат дека желбата да се биде општествено одговорен е најголем мотив за нив да станат дел од оваа приказна.

„Да се биде дел од еден ваков голем проект претставува посебна чест и задоволство за нас како компанија. Желбата да се помогне онаму каде што е најмногу потребно нѝ дава посебен мотив за максимално вклучување во целата приказна. Нашата мисија и цел, покрај општествената одговорност е да се мотивираат и останатите компании, организации и граѓани да бидат дел од оваа приказна и да помогнат според своите можности преку разни акции и кампањи кои ќе следат во иднина“, изјави Марко Костадиновски, сопственик на Вај Нот Комуникации.

Проектот е поддржан и од канцелаијата на меѓународната хуманитарна организација АДРА во Македонија, која има големо искуство кога се работи за помош онаму каде што е најпотребно.

„Сметаме дека проектите од ваков карактер се од голема важност за нашето општество. Оттаму и радоста и честа да се биде дел од движењето Твоето малку е многу. АДРА Македонија е секогаш онаму каде што е најпотребно да се подаде рака во смисла на донирање храна, облека, средства за одржување на хигиена и обезбедување психосоцијална поддршка, па соодветно на тоа подготвени сме да одговориме на потребите на нашите сограѓани од општина Карпош и да им го разубавиме секојдневието“, изјави Ванчо Трајковски, директор на АДРА Македонија.

Проектот официјално ќе започне на 24 октомври со првиот сервиран оброк, кој ќе се дели во периодот од 14 до 16 часот во просториите на ресторанот Форца. Секој оној кој сака да биде корисник на истиот ќе треба да се пријави во хуманитарната организација АДРА на телефонскиот број 077756000, преку страната www.facebook.com/adra.org.mk, или во ресторанот Форца. За секој од апликантите задолжително е да достави и потврда дека спаѓа во социјално загрозена категорија.