Uber ќе отвора 50.000 работни места во Европа

22

uber

Генералниот директор на американската онлајн такси – шеринг компанија Uber, Травис Каланик изјави дека сака во 2015 година да се шири во Европа. Каланик на прес конференција во Минхен соопшти дека Uber може да отвори 50.000 работни места како дел од “новото партнерство” со европските градови, пишува BBC.

Uber постои веќе четири години и сега работи во 250 градови ширум светот. Вредноста на овој старт – ап од Сан Франциско се проценува на 40 милијарди долари.

Компанијата наидува на отпор во голем број земји, како Белгија, Франција, Холандија и Шпанија, каде таксистите се жалат на нелојална конкуренција, а во Индија беше пријавен случај на наводно силување на патничка.

Uber им овозможува на луѓето кои поседуваат автомобил да поминат низ елементарна проверка на безбедноста за да бидат ad hoc таксисти кои ќе комуницираат преку апликацијата за паметни телефони. Многумина сметаат дека таквиот концепт ги заобиколува регулаторните тела и барања што мора да ги исполнат останатите такси возачи, на што Uber одговара дека преку нив се зголемува можноста за избор на повеќе такси возила, а се создаваат и нови работни места.

Цените на такси услугите што ги нуди Uber се далеку поевтини од оние што ги нудат другите такси компании.