Ученици и студенти корисници на семејна пензија да достават потврда до ФПИОМ до крај на месецот

3

Министерството за труд и социјална политика (МТСП) во соработка со Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Република Северна Македонија (ФПИОМ)и Министерството за образование, ги известува, а воедно и ги повикува сите ученици и студенти, корисници на семејна пензија, заклучно со 30 ноември 2020 година до Фондот за пензиско и инвалидско осигурување да достават соодветна потврда, со којашто ќе го докажат својот статус на ученик, односно студент, врз основа на која се продолжува исплатата на семејната пензија.

Поради ситуацијата со пандемијата Ковид-19 и започнувањето на школската/академската година еден месец подоцна, односно од октомври 2020 година, како и поради спроведувањето на онлајн настава, голем број на деца корисници на семејна пензија сè уште ја немаат доставено потребната потврда која се издава од соодветна образовна институција.

За надминување на настанатата состојба Министерство за труд и социјална политика му предложи на Фондот за пензиско и инвалидско осигурување на Република Северна Македонија да го продолжи рокот за еден месец, односно до 30 ноември 2020 година, за доставување на потврдите од страна на ученици и студенти корисници на семејни пензии, со цел да не бидат исклучени од исплата на пензии за месец октомври 2020 година.

Министерството за труд и социјална политика повикува во процесот на подигнување на потврдите од образовните институции и при нивното доставување до Фондот за пензиско и инвалидско осигурување да бидат почитувани мерките за заштита од вирусот Ковид-19.