Учениците од Нова донираа храна за социјално загрозените семејства

37

Учениците од меѓународното училиште Нова се вклучија во добротворната акција Ретвитни оброк и денеска во просториите на образовната институција собраа 200 топли оброци за социјално загрозените семејства. Основците и средношколците дополнително донираа и прехранбени продукти од типот на леќа, грав, ориз, тестенини и друго, а лидери на целата иницијатива беа учениците од петто одделение.

Со цел на хуманитарната акција да ѝ се даде и образовна димензија, учениците имаа задача да го презентираат физичкиот и хемискиот процес кој бил потребен за да се подготви оброкот. Целата акција беше реализирана во соработка со невладината организација Љубезност и граѓанската иницијатива Ретвитни оброк. Тие по донаторската акција во Нова ги дистрибуираа оброците до бездомниците и социјално загрозените семејства, а дел од храната ќе ја искористат во нивната кујна каде подготвуваат топли оброци.

“Хуманитарните акции се составен дел од работата на училиштето и се организираат во тек на целата година. Сакавме како институција да дадеме поддршка на една ваква акција и се надеваме дека ќе ја продолжиме соработката и во иднина. Секако во меѓувреме ќе организираме и други акции со кои се обидуваме да иницираме позитивни промени во општеството“, велат од меѓународното училиште Нова.

Низ годините меѓународната образовна институција има соработувано со голем број здруженија и невладини организации за подобрување на ситуацијата на одредена група граѓани во државата, а има и организирано донаторски акции за обезбедување средства на тие на коишто им се најпотребни.