Угостител ја сврте ситуацијата: „Заработувате ли од кризата, ќе платите 10 пати повеќе“

122

Екстремното поскапување на струјата и гасот им предизвикува големи проблеми на австриските ресторани.

Затоа еден сопственик на ресторан во Австрија воведе „мени за добавувачи на енергија“ во знак на протест.

Операторите со струја и гас во ресторанот „Хоамат“ во Гросрајфлинг, сопственост на Улрих Матлшвајгер, ќе треба да платат 149 евра за винерската шницла, 54 за мешаната салата, 43 евра за супата и 42 евра за палачинките.

Матлшвајгер посочува дека овие цени, се разбира, не ги засегаат обичните гости, туку се наменети само за добавувачите на енергија.

Тој вели дека на ваков протест се одлучил откако за само неколку месеци цените на енергијата за неговиот ресторан експлодирале од 300 на 5.200 евра.

„Тековните трошоци што треба да ги платам  за да продолжи да работи мојот објект ги достигнаа границите на моите можности. Како претприемач сум навикнат внимателно да ги пресметувам сите трошоци. Во ситуација на таков пораст на цените поради моменталната ситуација станува уметност“, напиша Матлшвајгер на Фејсбук.

Затоа, вели, решил да ја сврти ситуацијата.

„Сега им наплаќам на тие што заработуваат од енергетската криза. Отсега производителите на струја ми плаќаат цена која е 10 пати повисока од онаа што е наменета за обичните гости, за да можам да си ги покријам трошоците“, објасни тој за дневниот весник „Клајн цајтунг“.