Угостителите бараат укинување на забраната за организирање на свадби, крштевки, родендени

46

Ресторани за организирани настани, членки на Туристичко-угостителската комора на Македонија (ТУК) побараа од Владата Р.С.Македонија итно укинување на членот 14 од Уредбата излезена во Службен весник на 23.06.2020 со која “се забранува организирање на секаков вид настани ( свадби, крштевки, родендени), во отворен и затворен дел од објектот”.

“Како угостителски објекти, апелираме до Владата, да не ги држиме во неизвесност илјадниците младоженци и оваа сезона како и претходната. Да спречиме да ни се повтори минатогодишниот пропуст, каде што младоженците беа принудени своите свадбени церемонии да ги прават во сопствените дворови и изнајмени викендици, без притоа да имаат можност да се примени соодветен протокол со дистанца и без потребните хигиенско- санитарни услови“ велат угостителите.

Додаваат дека како ресторани кои се категоризирани објекти за организирани настани, располагат со големи капацитети, соодветна квадратура и можност да спроведат организиран настан, со што би се запазиле сите веќе усвоени протоколи и според кои веќе функционираат останатите A la carte ресторани со ограничено работно време.

“Ние сме единствени економски оператори кои имаат 11 месеци забрана за работа, а користевме парцијална државна помош во поддршката за плати и придонеси, која траеше само 6 месеци. Воедно исплатата на еднократна парична помош во вид на грант, со максимален износ од 10 000 евра, изнесува 2-4 % од вкупно остварениот промет во 2019 година, што претставува и минимална помош во сервисирање на нашите трошоци со оглед на големината и квадратурата на објектите со кои управуваме.Споредбено со регионот, ние сме единствена земја која не доби протокол за организирани настани а поддршката субвенционирање на плати и придонеси, како и еднократниот грант, е убедливо најниска директна помош во нашиот сектор во регионот“, стои во соопштението на угостителите.

Доколку не добијат позитивен одговор и нивните барања не се усвојат, велат дека следниот чекор идната недела ќе биде масовен протест.