УЈП: Над 16.000 земјоделци добија поврат на персонален данок на доход

42

Управата за јавни приходи (УЈП) информира дека досега е реализиран поврат на персонален данок на доход за 16.100 земјоделци во вкупен износ од 76.745.269 денари за приходи остварени од продажба на сопствени земјоделски производи во текот на 2018 година.

Воедно информираат дека исплатата е реализирана кај земјоделците кои пријавиле валидни трансакциски сметки. Земјоделците кои ги исполнуваат условите за поврат на персонален данок од доход, а не ги ажурирале своите трансакциски сметки, од УЈП ги повикуваат тоа да го направат во најкус рок во најблиските подрачни единици на Управата за јавни приходи.

Со измените во Законот за персонален данок на доход, право на поврат на персонален данок на доход остваруваат земјоделците на кои земјоделството им е основна дејност, немаат остварено приходи по друг основ, односно кои оствариле приходи единствено од продажба на земјоделски производи до еден милион денари, не се ДДВ обврзници, не се во работен однос и не остваруваат приходи од закуп или од игри на среќа.

Според првичните податоци од евиденциите на УЈП и министерството за земјоделство, правото на поврат на персонален данок од доход го остваруваат околу 17.000 земјоделци. На почетокот на 2018 година, Владата на Република Северна Македонија го измени Законот за персонален данок на доход, со што се зголеми прагот за остварени приходи од продажба на земјоделски производи од претходните 300.000 денари на 1.000.000 денари. Дополнително со законските измени, како што се наведува, се поедноставија даночните постапки за земјоделците, како поднесување на барања за регистрација и плаќање на административни такси.

Фото: Pexels