УЈП: Над 66 отсто од работодавачите навремено исплатиле плати, третина од ДДВ-обврзниците доцнеле со уплатите

Во текот на месец септември даночните обврзници имаа обврска за плаќање на данокот на личен доход и социјалните придонеси (исплата на бруто плата) до 15-ти октомври и плаќање на обврските за ДДВ до 25-ти октомври,  наведува Управата за јавни приходи (УЈП).

Обврска за исплата на бруто плата за месец септември 2026 година имале 74.782 работодавачи за 553.040 вработени лица. 66,11% од работодавачите или 49.439 исплатиле бруто плата на 481.003 вработени лица, односно за 86,97% од вработените се платени социјални придонеси во законскиот рок до 15-ти октомври.

Во поглед на обврските за ДДВ, 98,5% од регистрираните месечни и 97% од тримесечните ДДВ обврзници навремено, во законскиот рок до 25-октомври (односно 26-ти октомври, бидејќи 25-ти беше недела) ги поднеле даночните пријави за ДДВ за даночниот период. Даночен долг за месечни и тримесечни ДДВ пријавиле и обврска за уплата имале 21.061 даночни обврзници на вкупен износ од 5,578 милијарди денари, од кои 60,2% или 12.676 даночни обврзници ја исполниле обврската во законскиот рок, при што уплатиле 45,6% од вкупно пријавениот долг или во паричен износ уплатиле вкупно 2,542 милијарди денари.

За даночните обврзници кои не ги платиле даночните обврски во законскиот рок, Управата за јавни приходи редовно постапува согласно дадените законски овластувања со мерки за глоба за неподнесена даночна пријава и присилна наплата на неплатениот даночен долг.

Промовирајќи култура на позитивни односи со даночните обврзници, Управата за јавни приходи претходно доставува персонализирани известувања на сите кои задоцниле со цел потсетување за доброволно да ги платат доспеаните даночни обврски, а потоа доставува опомени согласно закон и спроведува присилна наплата од парични средства на сметка во банка (блокада на сметка).