УЈП: Пријавете ги приходите од издавање под закуп на движен и недвижен имот

53

ujp

Управата за јавни приходи информира дека во рамки на Планот за управување со усогласеноста со којшто се таргетира издавањето под закуп на движен и недвижен имот, во наредниот период ќе спроведе активности од едукативен карактер.

Целта е зголемување на свеста и едуцираноста на даночните обврзници за нивните права и обврски, но и преземање на мерки за намалување на сивата економија насочени кон високо ризичните даночни обврзници, каде УЈП има детектирано непријавување или нецелосно пријавување на остварените приходи од кирии.

Приходите остварени по основ на закупнина (издавање на земјиште, станбени или деловни простории, гаражи, простории за одмор и рекреација (викендички), опрема, превозни средства и други видови имот) подлежат на оданочување со персонален данок, и граѓанинот има обврска да ги пријави во УЈП.

Со поднесување на Аконтативна даночна пријава за остварени приходи од имот и имотни права (образец ПДД-АДП/ПИ), во рок од 15 дена од денот на остварувањето на приходите, кон Пријавата задолжително приложете го и Договорот за закуп.

Како и каде да поднесете Аконтативна даночна пријава ПДД-АДП/ПИ?

Образецот ПДД-АДП/ПИ преземете го преку http://www.ujp.gov.mk/mk/obrasci/opis/26.
Пополнетата пријава поднесете ја во даночните канцеларии, според местото каде се наоѓа имотот кој го издавате, односно во Контакт центарот во Скопје без разлика каде се наоѓа имотот или преку пошта. За точна адреса и локација на даночните канцеларии кликнете http://www.ujp.gov.mk/mk/kontakt/makedonija.

Доколку сте регистриран корисник на системот е-Даноци, пријавата пополнете ја онлајн и поднесете ја електронски преку https://etax-fl.ujp.gov.mk.

На даночниот обврзник му се признаваат следните даночни олеснувања: 25% од висината на приходот; 30% од висината на приходот – при издавање под закуп на опремени станбени и деловни простории или стварните трошоци – документирано докажани (по барање на обврзникот).