УЈП: Работодавачите да ја преземат новата верзија на софтвер за користење финансиска поддршка за плата

28

Врз основа на Законот за финансиска поддршка на работодавачите погодени од здравствено-економската криза предизвикана од вирусот COVID-19, заради исплата на платите за месеците октомври, ноември и декември 2020 година, работодавачот може да оствари право на финансиска поддршка во износ во износ од најмногу до 21.776 денари месечно по работник, утврден согласно работното време (полно или неполно работно време) на кое е пријавен работникот, намалено за работното време за кое работникот остварува надоместок на плата кој не паѓа на товар на работодавачот, кој износ не може да биде повисок од платата на работникот која ја исплаќа работодавачот за месецот за кој бара финансиска поддршка, информираат од Управата за јавни приходи (УЈП).

За остварување на правото работодавачот поднесува Барање за финансиска поддршка за исплатата на платите на работниците за секој месец поединечно, до Управата за јавни приходи.

Работодавачот со комплетно Барање (образец БФП-ИП/2), за работниците за кои побарува финансиска поддршка, во полето 3.4б. од МПИН образецот внесува шифра 5001. За внесување на шифрата 5001 во полето 3.4б од МПИН образецот, преземете ја новата верзија на клиентски софтвер (тука).

За користење на финансиската поддршка, работодавачот-барател на финансиска поддршка треба да ги исполни следните услови:

  • месечниот просек на вкупните приходи од редовното работење остварени во периодот од април 2020 година заклучно со месец септември 2020 година, октомври 2020 година или ноември 2020 година намалени за одделни еднократни приходи кои не произлегуваат од редовното работење на работодавачот-барател на финансиска поддршка да се намалени најмалку за 30% во однос на месечниот просек на вкупните приходи остварени во периодот од месец април 2019 година заклучно со месец септември 2019 година, октомври 2019 година или ноември 2019 година, намалени за одделни еднократни приходи кои не произлегуваат од редовното работење. За обврзниците регистрирани после септември 2019 година, намалувањето на вкупните приходи намалени за одделни еднократни приходи кои не произлегуваат од редовното работење на работодавачот-барател на финансиска поддршка остварени во месец септември 2020 година, октомври 2020 година или ноември 2020 година да изнесува најмалку 30% во однос на месечниот просек на вкупните приходи намалени за одделни еднократни приходи кои не произлегуваат од редовното работење на работодавачот-барател на финансиска поддршка остварени од денот на запишувањето во соодветен регистар до месецот кој му претходи на месецот за кој се бара финансиската поддршка,
  • бројот на вработени во месецот за кој се бара финансиска поддршка од овој закон да е ист или поголем со бројот на вработени заклучно со месец август 2020 година, со исклучок на одјавените работници со оправдан основ на престанок на работен однос и
  • работодавачот-барател на финансиска поддршка да не исплатува дивиденда на сопствениците, како и да нема извршено исплата по основ на награда за деловна успешност (нема извршено исплата по основ на награда за деловна успешност на работодавачот со шифра 102 во МПИН образецот) или друг вид на годишна награда на вработените и органите на управување и надзор на работодавачот-барател на финансиска поддршка, до денот исплатата на платата за месец декември 2020 година.

Работодавачот не може да користи финансиска поддршка за исплата на плати за работник доколку

  • работникот за месец јуни, јули, август или септември 2020 година, остварил нето плата повисока од 39.900 денари за секој месец одделно, сразмерно на часовите на пријавено работно време (полно или неполно работно време) или доколку засновал работен однос за време пократко од четири месеци, нето платата на работникот е повисока од 39.900 денари за секој месец одделно за периодот за кој е пријавен во работен однос, сразмерно на часовите на пријавено работно време (полно или неполно работно време),
  • користи ослободување од плаќање на данокот на личен доход и придонеси од задолжително социјално осигурување, согласно со Законот за вработувањето и осигурување во случај на невработеност (за мерките од проектот Македонија вработува) и
  • вработува работник за дополнително работење, согласно со членот 121 од Законот за работните односи.

Финансиска поддршка за исплата на платите не може да користи:

  • орган на државна и на локална власт и други државни органи основани согласно со Уставот на Република Северна Македонија и со закон, институција која врши дејност од областа на образованието, науката, здравството, културата, трудот, социјалната заштита и заштитата на детето, спортот, како и во други дејности од јавен интерес утврден со закон, а организирани како агенции, фондови, јавни установи, јавни претпријатија и трговски друштва основани од Република Северна Македонија, општините, градот Скопје и општините во градот Скопје и
  • приватна агенција за вработување за работник кој е отстапен кај работодавач од јавен сектор.

Финансиска поддршка за исплата на плати не може да користи работодавач кој во годишната сметка и финансиските извештаи за 2017, 2018 и 2019 година има кумулативно акумулирани добивки поголеми од 600.000.000 денари. Работодавачот кој има повеќе од 2.000 вработени лица во месецот за кој користи финансиска поддршка, а во годишната сметка и финансиските извештаи за 2017, 2018 и 2019 година има кумулативно акумулирани добивки поголеми од 600.000.000 денари, може да користи финансиска поддршка за исплата плата согласно овој закон.

Износот на финансиска поддршка заради исплата на плати за октомври, ноември и декември 2020 година, се определува врз основа на процентот на намалувањето на приходот искажан во барањето и тоа на следниот начин:

  • за намален приход од 30% до 40% износ на финансиска поддршка до 14.500 денари
  • за намален приход од 40,01% до 50% износ на финансиска поддршка до 15.955 денари
  • за намален приход од 50,01% до 60% износ на финансиска поддршка до 17.410 денари
  • за намален приход од 60,01% до 70% износ на финансиска поддршка до 18.865 денари
  • за намален приход од 70,01% до 80% износ на финансиска поддршка до 20.320 денари
  • за намален приход од над 80% износ на финансиска поддршка до 21.776 денари.

По обработката на МПИН образецот, Управата за јавни приходи го информира работодавачот за вкупниот износ на финансиска поддршка како и бројот на вработени лица, за кои се квалификувал за исплата на финансиската поддршка за соодветниот месец.

Управата за јавни приходи ја известува Владата на Република Северна Македонија за работодавачите кои ги исполниле условите за финансиска поддршка за исплата на платите, по што следи исплата на финансиската поддршка.

Работодавачите по прием на финансиската поддршка имаат обврска за исплата на платата за месецот за кој побарувале финансиска поддршка.

Работодавачот кој користел финансиска поддршка за исплата на плати за вработениот за кој примил финансиска поддршка, должен е да му ја исплати платата најмалку до износот на примената финансиска поддршка, но не помалку од износот на минималната плата утврдена со Законот за минимална плата на Република Северна Македонија.

За времетраење на финансиската поддршка согласно овој закон и два месеци после завршувањето на месецот за кој е користена финансиската поддршка, бројот на вработени кај работодавачот кој користи финансиска поддршка за исплата на плати, во однос на бројот на вработени во месецот за кој користел финансиска поддршка, не смее да се намалува, освен заради:

  • пензионирање и смрт на работник,
  • откажување на договорот за вработување од страна на работникот,
  • откажување на договорот за вработување без отказен рок од страна на работодавачот поради кршење на работниот ред и дисциплина или работните обврски,
  • спогодбено преземање на работник,
  • престанување на важноста на договорот за вработување врз основа на судска пресуда и
  • престанување на важноста на договорот за вработување поради утврдена трајна неспособност за работа.

Два месеци после завршувањето на месецот за кој е користена финансиската поддршка, вкупниот број на вработени кај работодавачот – корисник на финансиска поддршка не смее да се намали по наведените основи на оправдан престанок, за повеќе од:

  • 15% кај работодавач кој имал до 50 вработени во месецот за кој користел финансиска поддршка,
  • 10% кај работодавач кој имал од 51 до 250 вработени во месецот за кој користел финансиска поддршка и
  • 5% кај работодавач кој имал над 250 вработени во месецот за кој користел финансиска поддршка.

Комбинирање на мерки за финансиска поддршка за исплата на плати и субвенционирање на придонеси од задолжително социјално осигурување
Работодавачот кој истовремено може да користи друга мерка за субвенционирање на придонеси од задолжително социјално осигурување и/или данок на личен доход во полето 3.23 од МПИН образецот ја внесува соодветната шифра за ослободување и истата ја комбинира (користи истовремено) со шифрата 5001 во полето 3.4б.

Фото: Freepik