УЈП: Речиси 9 од 10 вработени со платени придонеси навреме

Во текот на месец ноември, даночните обврзници имаа обврска да го платат данокот на личен доход и социјалните придонеси по основ на исплата на бруто-плата најдоцна до 17 ноември, како и да ги подмират обврските за данок на додадена вредност (ДДВ) до 25 ноември.

Според податоците на Управата за јавни приходи (УЈП), обврска за исплата на бруто-плата за месец октомври 2025 година имале 70.107 работодавачи за вкупно 549.549 вработени лица. Од нив, 73,14 проценти, односно 51.283 работодавачи, навремено исплатиле бруто-плата за 491.763 вработени, што претставува 89,48 проценти од вкупниот број вработени. Социјалните придонеси за овие вработени биле платени во законскиот рок, кој поради неработниот 15 ноември бил продолжен до 17 ноември, пишува во објавата на Фејсбук на УЈП.

Во однос на обврските за ДДВ, 98,2 проценти од регистрираните месечни ДДВ-обврзници ги поднеле даночните пријави навремено, во рокот до 25 ноември, за даночниот период од 1 до 31 октомври 2025 година.

Даночен долг по основ на ДДВ пријавиле 4.218 даночни обврзници, во вкупен износ од 3,5 милијарди денари. Од нив, 69,1 процент, односно 2.913 обврзници, ја исполниле обврската во законскиот рок, при што биле уплатени 80,6 проценти од вкупно пријавениот долг, односно околу 2,8 милијарди денари.

За даночните обврзници кои не ги исполниле обврските навреме, УЈП најавува дека постапува согласно законските овластувања, вклучително и изрекување глоби за неподнесени даночни пријави и мерки за присилна наплата на неплатениот даночен долг. Претходно, како што наведуваат од УЈП, до обврзниците се испраќаат персонализирани известувања со цел потсетување и поттикнување на доброволна уплата, по што следуваат законски опомени и блокада на сметки во случај на непостапување.

Од Управата за јавни приходи истакнуваат дека нивна цел е постигнување висок степен на навремено исполнување на даночните обврски, што се смета за клучен показател за ефикасно собирање на јавните приходи. Во таа насока, институцијата делува проактивно и превентивно, пренесувајќи пораки до јавноста и до секој даночен обврзник, при што навременото плаќање го оценува како знак на деловна зрелост и одговорност.