УЈП со насоки за пополнување на МПИН пресметка за користење на ослободување за придонеси и персонален данок

87

ujp

Управата за јавни приходи дава насоки за пополнување на МПИН пресметка за користење на ослободување за придонеси и персонален данок врз основа на законските измени и дополнување на Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност.

Еден од условите е работодавачот да нема неисплатени плати, придонеси од задолжително социјално осигурување и даноци повеќе од два последователни месеци, што се докажува со потврда издадена од Управата за јавни приходи од страна на работодавачот или по пат на размена на податоци по службена должност преку Агенцијата за вработување (види повеќе на http://www.ujp.gov.mk/mk/javnost/soopstenija/pogledni/517)

Барањата за ослободување од плаќање на придонеси од задолжително социјално осигурување и/или персонален данок на доход се поднесуваат до Агенцијата за вработување на РМ најдоцна во рок од една година од денот на влегувањето во сила на овој закон (28.06.2016 година), во кој период ќе треба да започне и користењето на ослободување од плаќање на придонеси од задолжително социјално осигурување и/или персонален данок на доход по поднесеното барање.

Работодавачот може да користи ослободување од плаќање на придонеси на задолжително социјално осигурување за: невработено лице на возраст до 35 години; невработено лице на возраст од 35 до 50 години; невработено лице на возраст над 50 години и невработено лице со социјален ризик, односно лице кое е родител на три или повеќе деца и кое најмалку три месеци пред вработувањето немало заснован работен однос; самохран родител и член на еднородителско семејство кое најмалку три месеци пред вработувањето немало заснован работен однос; приматели на социјална парична помош; деца без родители и родителска грижа; жртви на семејно насилство; инвалидно лице со утврдена инвалидност согласно со Закон за вработување на инвалидни лица и лице со утврдена намалена работна способност или професионална неспособност за работа за 50% согласно со прописите од пензиското и инвалидското осигурување; професионални војници на кои им престанал работниот однос согласно со Законот за служба во Армијата на РМ; родители на деца со пречки во развојот кои се корисници на посебен додаток најмалку три месеци пред вработувањето согласно со мерката; невработено лице на возраст над 58 години кое во последните две години пред вработувањето согласно со мерката, немало засновано работен однос.

Ослободувањето од плаќање на придонесите за горенаведените категории на лица, на месечна основа се однесува до просечна бруто плата за претходната година објавена од Државниот завод за статистика, а разликата над просечната бруто плата за придонесите ја пресметува и плаќа работодавачот.