УЈП со нова листа должници: Над 5.000 компании и граѓани не платиле даноци

УЈП ја објави новата листа на должници- Вкупниот долг надмина 13,1 милијарда денари

Управата за јавни приходи ја објави Листата на должници бр.08/2026 за долгови доспеани до 30.04.2026 година и неплатени до 31.07.2026 година по основ на ДДВ, данок на добивка, персонален данок на доход, придонеси од задолжително социјално осигурување, акцизи и царини, за кои вкупниот износ на долгот е:

повисок од 120.000 денари за физичките лица и самостојни вршители на дејност; и
повисок од 300.000 денари за правните лица.

На Листата на должници бр.08/2026 објавени се 2.006 должници – правни лица (помалку за 1 од претходната листа) и 3.194 физички лица (повеќе за 45 од претходната листа).
Вкупно објавениот нето долг во Листата бр.08/2026 изнесува 13.193.521.371 денари, (повеќе за 117.299.316 денари од претходната листа). Нето-долгот за даноци и придонеси изнесува 12.998.295.270 денари, (повеќе за 135.645.689 од претходната листа), додека долгот за царински давачки е 195.226.101 денари (помалку за 18.346.373 од претходната листа).