УЈП: Задолжително поднесување годишна даночна пријава најдоцна до 15-ти март

19

ujp

Од Управата за јавни приходи (УЈП) апелираат задолжително да се поднесе Годишна даночна пријава најдоцна до 15-ти март оваа година.

Обврска за поднесување на оваа пријава имаат сите граѓани кои во изминатата 2016 година, освен плата, пензија или приход од земјоделска или самостојна дејност, оствариле дополнителен приход.

Под овој приход се подразбира: кирии; авторски права; индустриска сопственост; исплатена дивиденда; капитална добивка од продажба на учество во капитал и недвижен имот; поединечна добивка од општи игри на среќа во износ поголем од 5.000 денари; игри на среќа преку специјализирани странски интернет страници; поставување на реклами на сопствени интернет страни; прогнози на типови за спортски натпревари, е – трговија; услуги извршени преку специјализирани страни; лични примања од странство за активности поврзани со работењето во Македонија, работно ангажирање во амбасада или мисија на меѓународна организација и други дополнителни приходи.

Работодавачот, односно исплатувачот на приходот, има законска обврска до 25-ти јануари да издаде збирна пресметка во којашто ќе бидат искажани вкупните износи на исплатени приходи, платениот данок и придонеси во 2016 година. Фондот за пензиско и инвалидско осигурување издава податоци за исплатите, односно збирна пресметка на годишна бруто пензија, социјални придонеси и персонален данок, а Фондот за здравствено осигурување издава податоци за исплатите, односно збирна пресметка на годишното породилно боледување, социјални придонеси и персонален данок.

Годишната даночна пријава може да се поднесе онлајн или во најблиската даночна канцеларија на УЈП или преку пошта.