УКИМ и КХВ ќе соработуваат во областа на пазарот на капитал

13

Ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” Никола Jанкуловски и претседателката на Комисијата за хартии од вредност Нора Алити денеска потпишаа Меморандум за соработка со цел поттикнување и афирмација на областите од заеднички интерес и обезбедување достапност на професионална размена на стручност и искуства за професорите и студентите на УКИМ во областа на пазарот на капитал и хартиите од вредност.

Целта на соработката е меѓусебно помагање и подобрување на квалитетот на образованието во нашата држава, но пред сè вклученост на студентите во практичната настава и работење.

Како што соопшти УКИМ, Универзитетот и Комисијата се согласија да соработуваат со широк спектар на активности и иницијативи за едукацијата и подобрувањето на знаењето и стручноста со особен осврт на специјалистичките и магистерските студии, како и во делот на сертификацијата од значење за спроведување на едукацијата од областа за пазар на капитал и хартии од вредност, како и слични форми на стручно професионално и академско информирање од областа на пазарот на хартии од вредност и поврзување на теоријата со праксата за потребите на студентите.

– УКИМ и КХВ поставија основа за долготрајна партнерска соработка за воспоставување стручна неформална едукација за студентите од прв и oд втор циклус на студии во областите на економијата, финансиите, деловното и финансиското право, пазарите на капитал и финансиските инструменти согласно домашните и меѓународните регулативи. Меѓу другото, за потребите на наставно-научниот процес, може да се изведува практична настава се со цел да им се обезбеди на студентите можност да се стекнат со практични знаења и вештини, како и со работно искуство кое ќе ја зголеми нивната конкурентност и ќе им помогне при вработувањето во иднина, се наведува во соопштението ан Скопскиот универзитет.

Покрај тоа, Комисијата за хартии од вредност врз основа на утврдената академска процедура може да даде стручно мислење за изготвени дипломски, магистарски и докторски трудови од областа на пазарот на капитал, домашното и меѓународното право, економијата, финансиите, финансиските инструменти, финансиското работење и менаџментот.

– На тој начин, УКИМ и Комисијата ќе работат на финансиска едукација и зголемување на нивото на финансиска писменост на населението во Република Северна Македонија. Во престојниот период ќе се реализираат и заеднички семинари и конференции поврзани со пазарот на капитал. Притоа ќе се овозможи размена на стручна литература од областа на домашното и меѓународното право, економијата, финансиите, хартиите од вредност и финансиските инструменти. Воедно, УКИМ и КХВ заеднички ќе партиципираат во проекти кој ќе се аплицираат за финансирање од земјите членки на Европската Унија, како и користењето на останатите меѓународни фондови од САД и од светот за развој на земјите од Западен Балкан. На тој начин ќе се создаде во континуитет креативна интелигенција, која ќе биде поттикнувач за секој поединец во функција на креирање на успех, наведува УКИМ.