Од вчера 01.01.2013 царинските стапки за репроматеријали за резервни автомобилски делови, полиетиленски фолии, алатни машини, железнички товарни вагони и автобуси се намалени или укинати.
Според Царинската управа ова престставува директна поддршка на пет стопански гранки.
Царината од 15% за облоги и плочки за кочници, фрикциски производи и други делови од нетемперирано леано железо целосно се укинува, со оглед на фактот што во државава постојат индустриски капацитети што произведуваат автомобилски делови.
Се намалува стапката од 5% за над 105 производи, (пред се алатни машини) во металопеработувачката индустрија.
Исто така се намалуваат и царините за транспортниот сектор, со цел обнова на возниот парк и намалување на трошоците на транспортните компании. Намалување од 10% на 5% бележат и царините за автобусите и минибусите од прва категорија, а царините за автобусите и минибусите од втора категорија се намалуваат од 15% на 5%.
Целосно се укинуваат царините за вагоните и цистерните, кои досега изнесуваа 4%, како и царините за фолии од полиетилен, каде се укинува досегашната стапка од 6%.