Украинската компанија Енергија ќе инвестира 18 милиони евра во Македонија

67

bunardzik

Украинската компанија Енергија од Киев, фабриката за производство на еколошки системи за прочистување води ќе ја пресели во Македонија. Во новата фабрика што треба да биде лоцирана во ТИРЗ Скопје 2, инвеститорот ќе вложи 18 милиони евра и ќе отвори 150 нови директни работни места.

Договорот за реализација на инвестицијата го потпишаа денеска генералниот менаџер на Енергија лимитед Андреј Конашков, директорот на Дирекцијата за ТИРЗ Виктор Мизо и заменик – директорот на Агенцијата за привлекување странски инвестиции, Климе Шекеровски.

Производите од фабриката во Македонија што треба да почне со изградба во април следната година, ќе бидат наменети исклучиво за извоз, чиј износ, на годишно ниво треба да достигне 20 милиони евра, јавува Миа.

„Многу ми е мило што нашата фабрика од Киев можеме да  ја преселиме во Македонија. Производите планираме да ги пласираме низ цела Европа. Планираме кога ќе се отвори фабриката во Македонија, да ја затвориме фабриката во Киев, а исто како што направивме кога ја отворавме фабриката во Украина, а ја затворивме истата во Америка. Сакаме фабриката што ќе ја изградиме во Македонија да биде монопол за целиот свет”, рече по потпишувањето на договорот менаџерот на Енергија, Конашков.

Инвестицијата на украинската компанија ќе се реализира на две парцели во ТИРЗ Скопје 2 со површина од 8 хектари. Првиот дел на фабриката ќе се простира на површина од 20.000 метри квадратни.