Украинските бегалци би можеле да го ублажат проблемот со работната сила во ЕУ

15

Зголемениот прилив на украински бегалци би можел малку да ги ублажи неповолните трендови на пазарот на труд во еврозоната, оценуваат аналитичарите на Европската централна банка во последниот јунски економски извештај.

Доколку најдат работа брзо без долг процес на претходна интеграција (во општеството), украинските бегалци би можеле да му помогнат на пазарот да одговори на моментално големата побарувачка за работна сила и специфични вештини, се проценува.

Сепак, големата неизвесност за идниот тек на војната го отежнува прецизното проценување на влијанието на украинските бегалци на пазарот на трудот во ЕУ.

ЕЦБ во извештајот оценува дека и покрај брзите политички дејствија што ги преземаат европските власти, бегалците се соочуваат со значителни пречки, што ја отежнува нивната интеграција на пазарите на трудот на земјите домаќини, особено на краток рок.

За бегалците, процесот на пристап до пазарот на трудот на земјата домаќин е генерално долг.

Вештините што ги поседуваат не се во согласност со потребите на ЕУ, не го познаваат доволно локалниот јазик, а проблем е и немањето установи за згрижување деца.

За да ги ублажи интеграциските бариери со кои се соочуваат украинските бегалци, ЕУ се согласи да им даде привремена заштита на луѓето кои бегаат од војната во Украина, обезбедувајќи им итна помош и давајќи им право на пристап до пазарот на трудот.

До почетокот на мај, над 3,5 милиони украински бегалци влегле во Полска, додека повеќе од 400.000 биле регистрирани во Германија, 200.000 во Чешка и 100.000 во Италија.