Унгарија воведува контрола на цената на храната

Унгарската влада воведе контрола на цените на храната откако инфлацијата достигна највисоко ниво во Европската унија (ЕУ).

Унгарија го забележа најлошиот бран на инфлација во ЕУ од руската инвазија на Украина во 2022 година, а порастот на цените продолжува да претставува голем проблем за домаќинствата, пренесува Мина.

Според официјалните податоци објавени минатата недела, цените на храната пораснале за 7,1 отсто во годината.

Под притисок на инфлацијата и бавното економско закрепнување, премиерот Виктор Орбан најави големи даночни намалувања за мајките и ограничување на маржите на 30 групи на храна за да се ограничи зголемувањето на цените.

„Доколку владата утврди дека малопродажните синџири не ја почитуваат регулативата, ние ќе ја прошириме на сите категории на храна. Ние сме, исто така, подготвени повторно да ги воведеме регулираните цени како последно средство“, соопшти унгарското Министерство за економија.

Годишната инфлација во Унгарија е највисока меѓу членките на ЕУ. За време на претходниот голем бран на инфлација во 2022-2023 година, цените на храната се зголемија до просекот на ЕУ, а владата, исто така, воведе контрола на цените во тоа време.

Но, според истражувањето на унгарската централна банка, претходното зголемување на цените беше делумно предизвикано од ниската продуктивност и високата потрошувачка на енергија во прехранбената индустрија – проблеми што останаа дури и по падот на инфлацијата.