Унгарската влада наложи МОЛ да размисли за продажба на ИНА

10

ina molУнгарската влада соопшти дека и дала налог на управата на нафтената компанија МОЛ да направи ревизија на портфолиото и ако е потребно да преземе потребни чекори за продажба на акциите на хрватска ИНА, јавува унгарската агенција МТИ, пренесува ХРТ.

“Случајот ИНА – МОЛ веќе не е прашање на деловни несогласувања, станува збор за сомнителни и незаконски постапки, во врска со кои ќе бараме правен одговор”, стои во соопштението на унгарската влада.

Владата смета дека државата има право да одлучи дали ќе остане сопственик. Додава дека МОЛ ги исполнил сите обврски од договорот во однос на Хрватска и инвестирал скоро три милијарди евра, а Хрватска не ги исполнила своите обврски.

МОЛ претходно најави дека размислува да ја тужи Хрватска за неисполнување на делот од договорот потпишан во 2009 година, во кој Хрватска се обврзала дека од ИНА ќе ја откупи Природни плин, фирма која се занимава со увоз и трговија на гас и која уште тогаш трупала загуби. Но, тоа до денес се уште не е сторено.

interpolУнгарската влада реагира затоа што хрватските власти во вторникот упатија барање до Интерпол за распишување црвена меѓународна потерница и европски налог за апсење на претседателот на управа на МОЛ, Золт Хернади. По барањето на Хрватска, Интерпол вчера ја објави потерницата. Хернади се сомничи дека со десет милиони евра го поткупил поранешниот хрватски премиер Иво Санадер за да му ги препушти на МОЛ управувачките права на ИНА. Поради ова минатата година со првостепена пресуда Санадер беше осуден на десет години затвор.

Сето ова се случува во екот на преговорите меѓу МОЛ и хрватската влада врзани за сопственичките удели во ИНА. Од МОЛ претходно нагласија дека немаат намера да се откажат од управувачките права во ИНА, кои ги стекнале во времето на Санадер.

МОЛ има 49,1% удели во ИНА, а хрватската влада 44,84%. Унгарската влада во МОЛ држи 25% акции, 27% се во рацете на странски инвеститори, додека остатокот се во сопственост на десетина помали акционери.