Унгарски фонд инвестира три милиони евра во хрватски insuretech старт – ап

30

Фондот за ризичен капитал, Lead Ventures, којшто е специјализиран за инвестирање во таканаречени scale – up компании, вложува три милиони евра во хрватски старт – ап, пишува Bug.hr.

Фондот, чие седиште е во Будимпешта, со овој износ ќе го помогне растот на insuretech компанијата Amodo од Загреб, којашто се занимава со решенија што влијаат на животот на возачите и делување на осигурителните компании. Инвестицијата, како што се наведува, овозможува ширење на пазарот и понатамошен развој на производот.

Amodo стои зад развојот на платформата Connected insurance којашто на осигурителните компании им овозможува да понудат персонализирани производи креирани според однесувањето на потрошувачите. Таа го анализира возачот – колку брзо вози, како се снаоѓа во одредени ситуации, како сопира и слично. Потоа, податоците ги обработува аналитички софтвер и ги испраќа до возачот кој може да провери колку е безбедно и енергетски ефикасно неговото возење. Возачите, исто така, добиваат и награда за правилно и внимателно возење.

Голем интерес за ваков вид на апликации имаат осигурителните компании, бидејќи однесувањето на возачите е одлучувачки фактор во проценка на ризикот за осигурување на возилото, возачот и патниците.

Инаку, Lead ventures е фонд основан во 2018-та година чиј план е инвестирање на 100 милиони евра во Унгарија и земјите од централно – источна Европа.

Фото: Pixabay