Унгарски MOL презема 120 бензински пумпи од OMV во Словенија

96

Унгарската енергетска групација MOL купи мрежа од 120 бензински пумпи управувани од австрискиот OMV во Словенија, а аквизицијата треба да ја одобрат надлежните државни регулатори.

Вредноста на купопродажниот договор е 301 милиони евра, соопштија денеска од компанијата МOL, пренесува словенечката агенција СТА.

Како што е прецизирано, МОL всушност ќе добие 92,25 % удел во ОМV Словенија, бидејќи една од нејзините компании во групацијата, хрватската INA, веќе има 7,75 % удел.

“Купувањето е во согласност со нашите стратешки цели за понатамошно проширување на мрежата на бензински пумпи на постојните и потенцијалните нови пазари во Централна и Источна Европа“, се вели во изјавата на претседателот и извршен директор на МОL, Золт Хернади.

Тој додаде дека Словенија не е нов пазар за нив, бидејќи тие се присутни 25 години и дека со овој чекор, заедно со INA, ќе станат главен играч во таа земја. Унгарската група во моментов има 48 бензински пумпи во Словенија под брендот MOL и пет под брендот INA.

Фoто: Facebook