Униформа на работа – да или не?

206

Униформираноста на вработените има своите предности, но и недостатоци. Според некои, доколку вработените носат униформа тие укажуваат на професионалниот однос на компанијата во којашто работат, но други сметаат дека на тој начин не им се дозволува на вработените да го покажат својот став.

Сепак, природата на работата ја наметнува потребата од носење униформи. На пример, полицаец, лекар, војник… кај овие професии, униформата претставува задолжителен дел и обележје на сите вработени што припаѓаат во такви компании или институции.

Но, постојат и компании во коишто не е задолжително носењето униформа, ама менаџерите сметаат дека на тој начин вработените ќе изгледаат попрофесионално и порепрезентативно пред клиентите, соработниците…

Освен за полесно препознавање, униформите значат и заштита кај одреден вид на професии, како што се пожарникарите.

Со воведување на задолжителна униформа, една компанија може да “предизвика“ унифицирање на сите вработени, нивно полесно препознавање и распознавање, особено ако вработените се движат меѓу клиентите. Па така, вработените во супермаркети би било добро да имаат униформа, за да можат клиентите да им се обратат доколку имаат некакво прашање, дилема или проблем.

Униформите, исто така, можат да ѝ помогнат на компанијата при градење на имиџ. Тоа значи дека кај купувачите се гради поголема доверба, чувство на припадност, визуелна асоцијација на идентитет на компанијата… Впечатлив слоган на маица, капче со интензивна боја… сето ова може да ја направи униформата професионална, но и впечатлива за да може на клиентите да им остане подолго во сеќавање, а со тоа и поврзување со брендот.

Фото: Pixabay