„УниКредит“ го зголеми својот удел во „Комерцбанка“

„УниКредит“ објави дека ги зголемила своите акции во „Комерцбанк“ и дека се обидува да ја преземе втората најголема германска приватна банка, на што се спротивставуваат и германската банка и германската влада, бидејќи се смета за непријателско преземање.
Банката со седиште во Милано изјави дека „во догледно време“ ќе ги конвертира и преостанатите финансиски инструменти во акции на „Комерцбанк“, со што својот удел ќе достигне приближно 29 проценти.

Доколку се надмине прагот од 30 проценти, „УниКредит“ ќе биде обврзана со закон да даде официјална понуда за купување на преостанатите акционери на таа германска банка со седиште во Франкфурт, чии акции се вклучени во индексот DAX на Франкфуртската берза.

Во Германија постои голема загриженост дека нивното спојување ќе доведе до намалување на бројот на работни места и затворање на филијали, потсетува агенцијата DPA. И „Комерцбанк“ и германската влада остро се спротивставија на преземањето. Управниот одбор и работничкиот совет на „Комерцбанк“ постојано ги оценуваат постапките на италијанската банка како „непријателски“.

Канцеларот Фридрих Мерц повторно потврди во писмо до претседателот на работничкиот совет на компанијата, Саши Ибел, дека владата е посветена на „силна и независна Комерцбанк“.

Извршниот директор на „УниКредит“, Андреа Орцел, од есен се залага за придобивките од прекугранично спојување, без оглед на противењето во Германија. „УниКредит“, која веќе има упориште на германскиот пазар преку „Хиповерајнсбанк“ (ХВБ), гледа можности во работењето со приватни и средни корпоративни клиенти.