UNIQA групацијата ја купува француската компанија AXA Group, којашто функционира на пазарите во развој како што се Полска, Чешка и Словачка. Купопродажбата вредна близу една милијарда евра, ќе ѝ донесе пет милиони нови клиенти, 2.100 вработени и дополнителни 800 милиони евра. Предмет на аквизиција се компаниите за животно и неживотно осигурување, инвестициските компании, пензиски фондови и услужни компании од AXA Group во овие три земји.
“Подолг период сме свесни дека компаниите на AXA group се одлични за нашата долгорочна стратегија. Нивниот силен фокус на профитабилно работење со сегмент на мало и балансирано портфолио на производи ги надополнува постојните бизниси и нè рангира на петтото место во растечкиот регион на Централна и Источна Европа“, изјави Андреас Брандштетер, извршен директор на UNIQA, дополнувајќи дека оваа компанија има скоро 20-годишно искуство на полскиот, чешкиот и словачкиот пазар.
“Економијата во Полска, Чешка и Словачка напредува добро во последните години. Со стапки на раст во последната деценија од 3%, бруто домашниот производ на овие земји е значително подобар од австрискиот (1,6%). Анализата покажува дека растот ќе продолжи и ќе остане многу поголем од Австрија на долг рок. Оваа купопродажба ќе ни донесе нови индивидуални и корпоративни клиенти на три растечки пазари на кои веќе сме многу профитабилни. Затоа, оваа аквизиција е инвестиција во одржлив и траен раст“, дециден е Брандштетер.
За UNIQA групацијата
Групацијата UNIQA е една од водечките осигурителни групи на пазарите во Австрија и Централна и Источна Европа (ЦИЕ). Околу 20.000 вработени и ексклузивни партнери за продажба служат над 10 милиони клиенти во 18 држави. UNIQA е втора најголема групација во Австрија со удел на пазарот од околу 21%. Работи на 15 пазари во Централна и Источна Европа: Албанија, Босна и Херцеговина, Бугарија, Хрватска, Чешка, Унгарија, Косово, Македонија, Црна Гора, Полска, Романија, Русија, Србија, Словачка и Украина. Покрај тоа, UNIQA поседува и осигурителни компании во Швајцарија и Лихтенштајн.