УСАИД го поддржа учеството на компаниите на најголемиот ИКТ саем во Европа

83

saem

Група од 11 ИКТ компании од Балканот учествуваа на најголемиот европски ИКТ саем – Светски мобилен конгрес (СМК) – Mobile World Congress (MWC) 2017. Со поддршка на Проектот на УСАИД за Регионален економски развој (REG), пет компании од Македонија и шест од Србија земаа учество на овој настан, кој беше одржан во Барселона од 27 февруари до 2 март и беше посетен од 108.000 посетители.

За време на настанот компаниите учествуваа на настан за вмрежување, организиран од страна на Европската мрежа на компании ( Enterprise Europe Network) и одржаа неколку бизнис – со – бизнис состаноци). На овој настан беа регистрирани 410 учесници, кои меѓу себе одржаа 1.715 состаноци, а беа вклучени компании од 33 земји. Компаниите спонзорирани од УСАИД РЕГ Проектот закажаа повеќе од 110 состаноци со компании од целиот свет.

На овој настан беа претставени последните иновации и високо-технолошки трендови. Беа одржани и говори од високо рангирани претставници на Самсунг, ЗТЕ, Хуавеи, ИБМ, Фејсбук, Епл и други водечки компании.

Сведоштва на македонските учесници:

“Ова беше моја прва посета на настан на СМК и бев воодушевен. Овој настан ми помогна да останам во тек со најновите трендови и достигнувања во индустријата, но уште поважно и да се поврзам со луѓе кои имаат слични интереси. Како дел од СМК 2017, Б2Б настанот сметам дека беше многу вреден за мојот бизнис, бидејќи имав можност директно да се впуштам во разговор со луѓето, да ги разберам нивните предизвици, да научам од нив и да изградам партнерска мрежа.” – Тошо Трајанов од АДЕВА

“Би сакала да им се заблагодарам на Проектот на УСАИД за Регионален економски развој, како и на МАСИТ – Стопанската комора за ИКТ за поддршка на оваа иницијатива. Светски мобилен конгрес беше неверојатен! Ми даде можност да ги видам врвните технологии, иновации и трендови, да учам од експерти во ова поле, да ширам контакти и да запознаам професионалци кои се возбудени од можноста за промена на светот со овие технологии. Б2Б настанот беше огромен. Тоа беше еден од најорганизираните Б2Б настани кои некогаш сум ги посетила. Компаниите со кои се сретнав беа од различни индустрии и беше навистина прекрасно да се слушне на што се фокусирани другите компании, да се разменат искуства и да се започне со размислување во поиновативна насока. Веќе разменив контакти со некои од компаниите, така што, очекуваме партнерства!” – Дона Алампиоска од АСИ и АПГ