УСАИД и Министерството за земјоделство, во партнерство со пет банки и штедилници, помагаат да се модернизира работењето на земјоделците

23

usaid-580x500-580x500-580x500

На 26 септември, УСАИД потпиша 10 годишен кредитен гаранциски договор со три банки – Комерцијална банка, Стопанска банка Битола, ПроКредит банка, и две штедилиници – Можности и ФУЛМ. Овој договор ќе ги намали колатералите кои ги бараат банките и ќе го олесни добивањето на кредити за капитални инвестиции и модернизација на работењето за македонските земјоделци, преработувачи на храна и микро и малите бизниси во руралните области.

При посетата на земјоделци од Карамани, Директорот на Канцеларијата за развој во УСАИД, д-р Едвард Гонзалес, посочи дека целта на ова партнерство на УСАИД, со македонски банки и штедилиници, е да обезбеди поволно финансирање за земјоделците, погоните за преработка на храна и други мали бизниси од руралните области кои имаат добри бизнис планови за проширување на своето работење, но можеби немаат колатерали, кои се бараат од банките.

„Нè радува што овој договор е заедничка програма со Министерството за земјоделство, кое ги обезбеди главните финансии за негова реализација и со банките и штедилниците кои се обврзаа дека ќе одвојат значаен дел од нивниот кредитен капитал за земјоделството и за микро и малите претпријатија”.

Овие кредити, исто така, треба да им олеснат на оние земјоделци и преработувачки капацитети кои сакаат да конкурираат за финансиска поддршка преку ИПАРД и Националната програма за поддршка на земјоделството – кои се базираат на принципот на поврат на средствата откако земјоделците со самофинасирање ја купуваат опремата. Со достапни и поволни кредити, обезбедени од партнерските банки и штедилници, земјоделците ќе бидат во можност да го модернизираат своето работење, а со тоа да ги зголемат продуктивноста и профитот.

Во следните 10 години, Комерцијална банка, Стопанска банка Битола, ПроКредит банка, Можности и ФУЛМ очекуваат издавање на кредити, во вкупна вредност од 20 милиони долари. Сите заинтересирани можат директно да ги контактираат банките и штедилниците кои се дел од оваа програма.