УСАИД им помага на македонските производни компании да ја зголемат конкурентноста преку намалување на сопствените трошоци за енергија

25

usaid-580x500-580x500-580x500

Проектот на УСАИД за индустриски менаџмент, во соработка со Македонската Енергетска Асоцијација при Стопанската Комора на Македонија, ја организира третата по ред тркалезна маса на тема Зголемување на конкурентноста во индустриските компании преку континуирано подобрување на управувањето со потрошувачката на енергија. Учесниците на настанот – претставници од бизнис заедницата, владини институции, финансискиот сектор, УСАИД и други меѓународни организации имаа можност да слушнат за позитивните искуства на компаниите корисници на проектот од воведувањето на системите за мониторинг и управување со потрошувачката на енергија во самите компании, како и за техничката поддршка која ја добиваат од проектот при идентификација и избор на мерки за подобрување на енергетската ефикасност.

Директорот на канцеларијата за развој при Мисијата на УСАИД во Македонија, Едвард Гонзалез, истакна: „Подобрувањето на управувањето со потрошувачката на енергија е мошне значајно за намалување на трошоците за енергија и зајакнување на конкурентноста на приватниот сектор. Ваквите активности создаваат нови можности за вработувања во понапредните сектори и придонесуваат за модернизација на застарените и неефикасни технологии”.

Г-ѓа Олгица Кржева, генерален директор на компанијата ДС Смит А.Д. Скопје, изјави: „Преку ефективното користење на системот за мониторинг и управување со потрошувачката на енергија успеавме да ги увидиме можностите за заштеда на енергија и што треба да направиме со цел да ги намалиме своите трошоци. Проектот на УСАИД за индустриски менаџмент ни помогна во разработката на серија на решенија од подобрување на системот за греење, вентилација и климатизација, искористување на отпадната топлина, па сѐ до реконструкција на котларата во фабриката. Нашата одлука за инвестирање во овие решенија за подобрување на енергетската ефикасност не само што ќе ја зголеми конкуретноста на компанијата на домашниот пазар, туку со овие мерки придонесуваме и кон одржлив развој и заштита на животната средина“.

Со воведување на систематски пристап во управувањето со потрошувачка на енергија во индустрискиот сектор – базиран на ИСО 50001:2011 стандардот – проектот ја подобрува конкурентноста и енергетската сигурност во земјата, ја намалува емисијата на стакленички гасови и ги поддржува инвестициите во чиста енергија. Проектот за индустриски менаџмент им помага на компаниите во подготовка на проекти за енергетска ефикасност прифатливи за финанските институции, врши обуки на домашни инженерски компании за проектирање, инсталирање и одржување на системи за мониторинг и управување со потрошувачка на енергија и организира работилници за индустриските компании на теми поврзани со најдобрите практики за енергетска ефикасност.