USAID ќе го воведува Leader пристапот во североисточна Македонија

22

usaid

Проектот на USAID за експанзија на мали бизниси, во соработка со Центарот за развој на североисточниот плански регион, свечено го одбележа почетокот на иницијатива за имплементација на Leader пристапот за локален економски развој во североисточна Македонија.

Leader пристапот е форма на јавно-приватно партнерство базиран на оформување на Локални акциони групи (ЛАГ – ови), здруженија кои се состојат од претставници на јавниот, граѓанскиот и приватниот сектор. Оваа нова иницијатива ќе работи на формирањето на две Локални акциони групи во североисточна Македонија кои ќе ги обединат трите сектори околу заеднички проблеми поврзани со локалниот економски развој и ќе им овозможат да развијат проекти за решавање на истите.

“Leader пристапот ги кани поединците да учествуваат во стратешко носење на одлуки и селекција на приоритети на кои треба да се работи во нивните области. Овој пристап гледа на локалните граѓани како на најдобри експерти за развој на нивнат заедница,” рече Мајкл Стиватер, генерален канцелариски директор на USAID Македонија.

Проектот на USAID за експанзија на мали бизниси во 2013 го воведе Leader пристапот во Пелагонија и успешно формираше две Локални акциони групи. Локалните акциони групи веќе работат на развивање и спроведување на проекти за економски развој, вклучувајќи и студија која ќе им помогне на производителите на јаболка од Ресен да додадат вредност на нивното производство преку преработување на јаболките во јаболков сок или концентрат.