УСАИД промовира практикантска работа и вработување за лицата со попреченост

21

usaid

УСАИД во соработка со општина Велес, вчера ги презентираше активностите и досегашните резултати од Проектот на УСАИД за практикантска работа и вработување на лица со попреченост пред претставници од приватниот, невладиниот и јавниот сектор. Проектот промовира еднакви права за социјална и економска инклузија на лицата со попреченост и цели кон зголемување на видливоста за проблемите на лицата со попреченост кај компаниите и пошироката заедница.

„Вработувањето на лица со попреченост не е прашање на милостина, туку прашање на човекови права. Мора да запаметиме дека лицата со попреченост се лица со многу способности и треба да ги имаат истите можности како и секој друг граѓанин“, изјави Мајкл Стивејтер, директор на канцеларијата за развој на УСАИД Македонија.

“Општина Велес преку имплементирање на социјалните политики континуирано работи во насока на подобрување и зголемување на социјалната  сигурност  на лицата со попреченост, создава  услови за нивна поголема инклузивност и целосно и ефективно учество во општествениот живот, еднакви права и обврски”, изјави Нада Трајкова, член на Советот на општина Велес.

Проектот на УСАИД за практикантска работа и вработување на лица со попреченост ја поддржува имплементацијата на Националната стратегија за правата на лицата со попреченост во Македонија. Целта на проектот е зголемување на можностите за вработување на лицата со попреченост и подигнување на јавната свест за нивните способности и предизвиците со кои се соочуваат. За да се постигне оваа цел проектот обезбедува пракси и обуки за како да најдат работа, како да напишат резиме, како да се подготват за успешно интервју и како да започнат сопствен бизнис. Помошта од проектот е наменета за лица со попреченост од Скопје, Велес, Куманово, Штип, Пробиштип, Свети Николе, Тетово, Гостивар, Струга, Дебар и Кичево.

Досега, преку Проектот се обучени 339 лица со попреченост на тема “Стратегии за барање работа”, 14 лица ја посетија дводневната обука за претприемништво, 156 претставници од различни компании и институции се обучени за менторско водење на лица со попреченост и вработени се 83 лица со попреченост.